Агенцијата за разузнавање (АР) како посебен орган на државната управа и согласно Законот за АР е разузнавачка служба овластена за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации коишто се значајни за безбедноста, одбраната, политичките, економските и други интереси на Република Македонија.
За таа цел, Агенцијата воспостави и постојано развива соодветни механизми за превенција, предвидување, рано предупредување, анализа и процена на ризиците. Го информира државниот врв на Р. Македонија за процесите што генерираат закани по националната безбедност и трајните и витални вредности за да се воспостави стабилно безбедносно опкружување и одржлив развој на долгорочен план.
Агенцијата за разузнавање претставува еден од основните сегменти на разузнавачко - безбедносниот систем на Р. Македонија. Конституирана е врз концептот на разузнавањето како долгорочен стратешки процес при заштитата на националните интереси и приоритети на Република Македонија и во согласност со современите стандарди за спречување и справување со тековните безбедносни закани и ризици.
Агенцијата за разузнавање постојано се стреми да ги проширува своите капацитети во оние средини каде постојат ризици и закани кон виталните и трајни национални интереси и да гради стратешки партнерства од интерес за државата и поддршка на меѓународните безбедносни политики.
Динамиката на процесите и заемната зависност на државите во регионот и поширокото опкружување задолжително ја наметнуваат потребата од соработка меѓу разузнавачките служби на билатерално и мултилатерално ниво.